Надоврзувајќи се на долгогодишната глобална соработка посветена на подобрување на грижата за здравјето и видот кај лицата со интелектуална попреченост, Специјална Олимпијада Северна Македонија и Унијата на Лајонс Клубови (Union of Lions Clubs) Северна Македонија потпишаа Меморандум за соработка и партнерство на национално ниво со што, двете организации создаваат систем за овозможување помош и креирање на програми со голема социјална важност за лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во Северна Македонија.
Со цел - овозможување општествено важни услуги ширум светот, овој чекор претставува продолжување на заедничките напори на „Специјална Олимпијада“ и „Lions Clubs International“ кои датираат уште од 2001 година и негуваат силни национални и локални односи. Преку ваквата соработка се охрабруваат волонтери, се поттикнува активација на локалните заедници и дополнително, атлетите на Специјална Олимпијада се поврзуваат со неопходните здравствени институции.
„Денешното партнерство е значителен чекор напред кон создавање на инклузивни заедници и општество во Северна Македонија. Со здружувањето на силите со Унијата на Лајонс Клуб – D132 - Северна Македонија, целиме кон зголемување на поддршката потребна за општествениот успех на лицата со интелектуална попреченост. Веруваме дека со ваквите соработки заеднички можеме да ја креираме позитивната промена за нашите атлети и лицата со интелектуална попреченост ширум државата. Ги охрабрувам сите добронамерни индивидуи, компании и институции да го следат примерот на „Lions Club D132“ и да ни се приклучат во оваа мисија“ – изјави г-ѓа Моника Бошковска, Претседател на „Специјална Олимпијада Северна Македонија“.
„Како општествено одговорна, непрофитна организација посветени сме кон создавање долготрајна општествена промена. Со оваа соработка уште еднаш потврдуваме дека со заедничко делување можеме да работиме и да поттикнеме градење на поинклузивна средина за сите вклучително и за лицата со интелектуална попреченост.“ – изјави Окружната Гувернерка на „Lions Club D132“, г-ѓа Бети Деловска.
Со Меморандумот за соработка опфатено е заедничко делување во насока на развој и имплементација на повеќе програми, вклучувајќи ги и заедничката програма „Opening Eyes“, програмата „Млади атлети (Young Athletes)“, Форуми за семејно здравје, „Unified Sports®“ и експанзија на „Champions Lions Club“.
