Како дел од Стратегијата за развој на Специјална Олимпијада Северна Македонија, денес беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Општина Битола и Спортскиот клуб „Специјална Олимпијада – Битола“. Со овој чекор, се воспоставува долгорочна, стратешка и одржлива соработка во насока на развој на инклузивни спортски програми за лица со интелектуални попречености на ниво на општината.
Со потпишувањето на Меморандумот, Општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, обезбедува институционална, логистичка и организациска поддршка на Специјална Олимпијада во форма на пристап до спортски објекти, како и соработка за промоција на инклузивни спортски програми и соработка во развој на локални политики и иницијативи за инклузија.
Спортскиот клуб „Специјална Олимпијада – Битола“, под водство на претседателката Ана Котевска, ќе продолжи со реализација на спортски тренинзи и активности според стандардите на Специјална Олимпијада, преку активно вклучување на лица со интелектуални попречености во спортски програми и натпревари, како и соработка со локални институции, училишта и спортски субјекти.
Меморандумот е склучен на период од четири години, со можност за продолжување, и опфаќа заедничка организација на спортски настани и фестивали, поддршка на тренери и волонтери, подигање на јавната свест и создавање услови за одржлив развој на програмите на Специјална Олимпијада во Битола.