Специјална Олимпијада Северна Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија повикуваат на инклузија и еднакви можности за сите
Скопје, 27.11.2025 година - Специјална Олимпијада Северна Македонија и Кошаркарска Федерација на Македонија го организираат 22. издание на Европската кошаркарска недела. По овој повод, на 29 ноември 2025 година (сабота), со почеток од 9 часот со регистрација на учесници и официјален почеток од 10 часот, во големата сала во Спортско Рекреативниот Центар “Кале“, ќе се одржи настан кој преку кошарката ќе промовира инклузија, фер и еднакви можности за сите.
Во рамки на настанот ќе се одржат рекреативни кошаркарски игри во кои ќе учествуваат лицата со интелектуална попреченост заедно со нивните партнери во Јунифајд (Unified) тимови. Воедно, кон присутните ќе се обратат претставници на Специјална Олимпијада Северна Македонија и Кошаркарска Федерација на Македонија.
Настанот се реализира со поддршка од Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, „Македонски Телеком“ АД, „НЛБ Банка“ АД Скопје и „Lions Alfa Club“ Скопје.
Преку заземање активно учество на атлетите во Европската недела на кошарката, заедно со ФИБА и Кошаркарската Евролига, Специјална Олимпијада на Северна Македонија испраќа силна порака за почит и инклузија. Ги повикуваме сите кои се во можност, да се приклучат на овој настан и да придонесат за поголема инклузија – на теренот и пошироко.
###
За Специјална Олимпијада Северна Македонија
Формирана пред повеќе од 20 години, таа е дел од Специјалната Олимпијада (Special Olympics), светски раширено движење активно во повеќе од 150 држави од целиот свет, со над 2.2 милиони активни учесници и околу 750.000 волонтери. Како олимписки партнер на Меѓународниот Олимписки Комитет (International Olympic Committee), Специјалната Олимпијада годишно организира и реализира повеќе од 200 национални програми - натпреварувања кои вклучуваат локални, национални, регионални и светски натпревари, турнири и игри.
Специјална Олимпијада Северна Македонија функционира како непрофитабилна и невладина организација која опфаќа еден многу важен општествено-социјален сегмент, со посебен акцент кон лицата со пречки во развојот. Специјална Олимпијада Северна Македонија има 10.000 активни членови, од кои 2.500 се Атлети.
###